Петар Печков
Објавено: недела, 18 април 2010
Вулканската прашина се уште не е опасна по здравјето на луѓето. Компликации може да се јават ако облакот од вулканска прав и пепел го достигне нивото на земјата.
Досегашните проценки говорат дека ниту во европски рамки, ниту на национално ниво во Македонија не е забележано зголемување на концентрациите на цврсти честички со пепел и дека во овој момент нема потреба од воспоставување посебни препораки за ранливите групи на населението, ниту во Европа ниту кај нас.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје будно ја следат состојбата со движење на облаците со пепел од вулканската ерупција во Исланд, кои се наоѓаат над поголем дел од Европа, а во многу слабо изразена форма облакот со вулканска прав ќе мине и над балканскиот регион.
При согорувањето настанато како резултат на вулканската ерупција, се формира одредено количество пепел, кое е дистрибуирано во високите слоеви на атмосферата и се движи од север кон станатите правци во зависност од временските услови.
Како што соопшти Министерството за здравство, се додека пепелот останува во горниот дел од атмосферата, не постои ризик за здравјето на луѓето. Потенцијално влијание врз здравјето може да се почувствува доколку облакот го достигне нивото на земјата, што не се очекува согласно националните, како и проценките на Светската здравствена организација.
Надлежните инситуции ја следат состојбата со вулканста ерупција. Апелираат да нема паника кај населението. Ако се појават знаци што може да го нарушат здравјето на граѓаните , јавноста веднаш ќе биде алармирана.
Иако метеоролозите вчера најавија дека облакот со прав и пепел од исландскиот вулкан во текот на изминатата ноќ ќе достигне и до северните делови од земјава, тоа не се случи. Од УХМР велат дека и во текот на денешниот ден постои веројатност слабо концентрирана маса од прав и пепел да се прошири во северниот регион од Македонија.
Tweet |